Одложено рочиштето за "Тврдина 2"

Денешното судско рочиште за обвинителниот акт на СЈО наречен "Тврдина 2" е одложено, затоа што судијката Лидија Петровска е на боледување. Следното рочиште е закажано за 5 мај. На рочиштето не се појавија ниту обвинетите ниту адвокатот на одбраната Никола Додевски. Присутна беше само адвокатката на двајца од обвинетите Сања Алексич, која истакна дека обвинетите биле уредно поканети, но бидејќи веќе ја знаеле информацијата за боледувањето на судијката, поради работни обврски не се појавиле на рочиштето.

Инаку, обвинителката Ленче Ристоска ги предаде одговорите од министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање со кои се донесени две решенија за декласификација на поголем дел од актите. Ристоска посочи дека и натаму имаат отежната соработка со Управата, односно таа одбива да ја прими поштата на СЈО, па затоа одговорите се преку актуелниот министер на МВР.