Приведени опозициските лидери и новинари на протести во Белорусија

Протести во Белорусија

Белоруската полиција уапси група група на лидери на опозицијата и најмалку три новинари за време на последната серија протести против политиките на Владата за даночење на невработените. Меѓу приведените накратко беше и новинар на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа. Целта на протестите кои се случија во текот на вчерашниот ден во два града во источниот дел на Белорусија е борба против законот на авторитарен претседател Александар Лукашенко кој го нарече „закон за борба против социјалниот паразитизам“.

Станува збор за данок од 200 долари годишно за оние кои во една календарска година ќе работат помалку од шест месеци или нема да се пријавуваат во бироата за вработување. Ваквата владина мерка предизвика протести во целата земја, што претставува најсилниот предизвик до сега за Лукашенко кој е веќе две децении на власт.

Лукашенко под притисок на јавноста најави дека ќе го „суспендира“ законот на една година со цел да го поправи, но тоа не го смири незадоволството на жителите на Белорусија.

Лукашенко владее со Белорусија од 1994 година. Тој од западните земји е наречен „последниот диктатор во Европа“. Во политичките односи од една страна бара поголем ангажман со Европа, а во исто време се обидува да не ги наруши односите со својот најблизок сојузник Русија.