Опозицијата во Албанија се заканува со бојкот на изборите

Архивска фотографија. Лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша

Aлбанскaта опозиција се закани дека ќе ги бојкотираат парламентарните избори закажани за 18 јуни во Албанија, доколку Владата на премиерот Еди Рама не поднесе оставка и не биде формиран технички кабинет, кој би го спровел изборниот процес.

Во заедничкото соопштение на опозициските партии, предводени од Демократската партија на Љуљзим Баша, се наведува дека тие нема да учествуваат на изборите, доколку „не биде постигнат политички договор што ќе гарантира слободни и фер избори“.

Албанската опозиција веќе три недели одржува протести пред зградата на Владата во центарот на Тирана, каде е поставен и голем шатор во кој секојдневно се одржуваат протестни собири. Тие ја бојкотираат и работата на Парламентот, со блокирање на судските реформи кои се услов за почеток на преговори со ЕУ.

Опозицијата ја обвинува Владата на Рама за корупција и вмешаност во шверц на марихуана и тврди дека „не верува оти таа ќе организира фер избори“.