Повторно одложено рочиштето за „Шамарите во Центар“

Основен суд Скопје 1

Денешното рочиште за насилствата во општина Центар е одложено за 3-ти мај. Екс премиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова како и уште други 11 обвинети не беа присутни во судската сала.

Адвокатот на Груевски, Никола Додевски изјави дека никој од обвинетите не бил присутен затоа што не биле исполнети условите за одржување на рочиштето, односно дека не било постапено по одлуката на Советот на јавни обвинители за смена на Фатиме Фетаи од случајот. Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека го добиле дописот од Советот на јавни обвинители, но не одговори дали ќе ја тргне Фетаи од предметот против Груевски.

Меѓу другото, се уште не е одлучено по жалбата на СЈО за издвојување на доказите во форма на прислушувани разговори поради што, како што истакна судијката Татјана Михајлова, предметот ќе биде пратен во Апелација.