Николиќ свика вонредна седница на Советот за безбедност

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ

Србскиот претседател Томислав Николиќ свика за в понеделник вонредна седница на Советот за безбедност, поради иницијативата на Косово да создаде армија, како и за одлуката на косовскиот Парламент да го прекине дијалогот со Белград до ослободување на поранешниот премиер Рамуш Харадинај, јавуваат српските медиуми.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи вчера изјави дека Приштина ќе продолжи да ги реформира безбедносните сили во редовна армија, независно од реакциите на САД и на НАТО. Тој наведе дека Европа не треба да стравува од косовската армија туку од руски воени бази во Србија, од руските авиони МиГ и од руските воени вежби во Србија.

Парламентот на Косово денеска изгласа резолуција со која се бара безусловно ослободување на поранешниот косовски премиер Харадинај, кој е приведен во Франција по распишана потерница од Србија, под обвинение за извршени воени злосторства. Со резолуцијата се бара и прекин на дијалогот со Белград, доколку не биде исполнето барањето.