Пијанистката Стојанова со деби книга „Фредерик Шопен - поетот на музиката“

Македонската уметница, пијанистка и педагог Даница Стојанова

„Фредерик Шопен - поетот на музиката“ е насловена книгата чиј автор е македонската уметница, пијанистка и педагог Даница Стојанова, што како издание на Друштвото за издавачка дејност „Паблишер“ се појави неодамна.

Во предвечерието на промоцијата на „Фредерик Шопен - поетот на музиката“, македонската уметница, пијанистка и педагог Даница Стојанова знае да каже дека книгата е плод на нејзините бројни гостувања со стручни предавања во земјава, во регионот и во Куала Лумпур, во Малезија.

Вели дека притоа бележити се и нејзините излагања во 2010 година при одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на големиот композитор во Пионерскиот дом „Карпош“ во Скопје, па на концертите што ги организирала Полската амбасада во Република Македонија... и така со ред.

Таа авантура всушност е почната со првиот мој контакт со пијаното и музиката уште од мали нозе. На сите нам уметниците, посебно на пијанистите, еден од најдрагите автори ни е токму Фредерик Шопен, композиторот и генијот на 19 век – појаснува Стојанова.

Таа дополнува дека низ годините наназад доста читала, го истражувала неговиот живот преку изјавите, писмата, мемоарите... на неговите најблиски, неговите љубови, пријателите, современиците. Дека во намерите да ја срочи таа убава приказна најмногу ја храбреле нејзината мајка Галаба Стојанова и писателката Винка Саздова.

Но, наместо да пишува „здодевно историско четиво“ за животот на Шопен, авторката се одлучила да срочи една „популарна романтична сторија“ која би била првин наменета за сите млади уметници кои го изучуваат пијаното, а потем да биде достапна и за широката популација. „За сите вљубеници во најубавата уметност – музиката“.

Затоа објавата содржи повеќе поглавја во кои се цитирани неговите собеседници Лист, Хилер, Берлиоз, Менделсон... Тука се и неколкуте пасуси за неговото фамилијарно стебло, учителите, патувањата на Шопен, корените на неговото творештво, бегството од Полска, животот во Париз и пријателствата во Франција, силната љубов со Жорж Санд, осамата и потем смртта на 39-годишна возраст.

„Одвоив и еден дел за неговата значајна, голема улога во музиката. За истражувањето и приодот кон инструментот пијано, а тоа е пронаоѓањето на бојата во неговиот опус односно неговата музичка поезија. И затоа е познат под псевдонимот – Фредерик Франсоа Шопен – поетот на пијаното, односно на музиката“, вели Стојанова.

Даница Стојанова, како пијанистка и репродуктивна уметница многупати досега посегала по творештвото на големиот Шопен - принцот на романтизмот но, како што забележува, откако и се посветила на книгата малку поразлично го почувствувала генијалниот композитор.

„Повеќе интимно, поблиску стигнав до неговата душа и до неговото срце. До неговите моменти на најголема среќа, на најголемата тага, на најголемата радост во родителскиот дом...Тука не престанува моето дружење со Шопен. Напротив ме иницира уште повеќе да истражувам, да барам...затоа што нашата литература е многу скромна во овој однос. Ние немаме многу книги од овој жанр и затоа оваа доаѓа како еден литературно-музички бисер што треба да ги поттикне и останатите колеги да се бават со значајните творци“ – вели Стојанова.

Родена во Струмица, Даница Стојанова првите часови по пијано ги добива од наставничката Софија Вета. Средното образование го оформува во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје кај С. Пановска, а во меѓувреме соработувала и со авторитети како Д. Трбојевиќ и Арбо Валдма на Музичката Академија во Белград, соседна Србија. Студии по пијано ја носат кај профeсорката Јокут Михаилович од Русија, а магистрира на ФМУ Скопје кај Евушка Трпкова.

Активно учествувала на Интернационалните музички академии по пијано во Белгија, Русија, Бугарија, Мароко, Германија, Холандија и соработувала со светски познатите педагози како Жени Захариева, Акил Дел Вињ, Жак Рувие, Људмила Рошчина,Хериберт Кох.

Стојанова денес е еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и постигнува високи резултати со своите ученици на државната и на меѓународната сцена.

Таа е член на бројни жири комисии на престижните натпревари по пијано и камерна музика во регионов, паралелно држи мастер класи за пијано во Македонија, Малезија, Косово, како и стручни предавања на меѓународните фестивали како „Шопен фест“, „Епта“ и други.

Како солист настапувала со полурецитали и целовечерни концерти во Македонија, Бугарија, Турција, Малезија, Германија, Франција, Косово, Србија , Италија и во САД, а музицирала и со Македонската и со Видинската филхармонија.

Добитничка е на бројни значајни награди и меѓународни признанија, а во нејзината биографија бележити се и остварените соработки со врвните музички уметници како Благоја Ангеловски, Анастазија Низамова, Ана Дурловски, Олег Контраденко и Роберт Цеков.

Конечно, Даница Стојанова е член е на Сојузот на музички уметници на Македонија (СМУМ) и на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и од минатата 2016 година - почесен член на Фондацијата ‘‘Томислав Зографски‘‘.