Иванов-нема да определам мандатар кој преговара за платформи

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини во однос на последната негова одлука рекол дека согласно Уставот, како мандатар за состав на Влада нема да го определи секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува Македонија, се загрозува суверенитет, независноста и унитарноста на државата, соопштија од неговиот кабинет.

„Со пост-изборната платформа се руши Уставот и Охридскиот рамковен договор, а Македонија се доведува во положба на потчинетост и зависност од друга држава. Граѓаните на изборите гласаа за европски реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава“, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател посочи на отсуството на официјална јавна реакција со која би се осудило ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија, пишува во соопштението.

„Отсуството на јавна осуда за флангрантното мешање во внатрешните работи на Македонија ги создава проблемите и води кон поширока дестабилизација, а со одредени неконструктивни изјави кризата се продлабочува. Ова е шанса ЕУ јавно и јасно да го осуди мешањето во внатрешната политика на Македонија и да ја повтори поддршката за неповредливоста на границите на Балканот“, рече македонскиот претседател.

Во соопштението од кабинетот на Иванов се наведува и дека Могерини истакнала дека има целосно разбирање за комплексноста на состојбата и улогата на претседателот во соочувањето со политичките предизвици.