Заев-Се уште се надеваме дека Иванов ќе ја преиспита одлуката

Архивска фотографија- Лидерот на СДСМ Зоран Заев му го достави на претседателот Ѓорге Иванов 67-те пратенички потписи

Посетата на високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини на Македонија претставува сериозна поддршка за европските перспективи на нашата земја, рече по средбата со неа претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој додаде дека дискутирале за престојниот состанок на Советот на министри на ЕУ на кој од Македонија, како што рече, се очекувало да се почитуваат демократските процеси кои се јасно изразена волја на граѓаните на изборите, а преточени во парламентарни мандати.

„67-те мандати се нормален демократски основ за давање мандат за обид за формирање на влада. Од тука и очекувањето на ЕУ е дека наредната влада доколку покаже резултат во посветеноста на реформите ЕУ преку своите институции ќе има повеќе причини да се посвети на забрзување на процесите за отпочнување на преговори на Македонија за полноправно членство во Унијата“ рече Заев.

Тој нагласи и дека се уште се надева дека Иванов ќе ја преиспита својата одлука и како што рече ќе ги почитува демократските процеси.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој заедно со партиска делегација исто така беше на заедничката средба со Могерини не ја коментираше вчерашната одлука на претседателот Ѓорге Иванов да не го даде мандатот на лидерот на СДСМ Заев кој во понеделникот достави 67 пратенички потписи.

На заедничката средба што Могерини ја одржа во собранието, покрај лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со партиските делегации, присуствуваа и од ДУИ претседателот на партијата Али Ахмети придружуван од пратеникот Артан Груби, лидерот на ДПА Менудх Тачи, од БЕСА претседателот на партијата Билал Касами, Африм Гаши и Фадил Зендели и Зијадин Села од Алијансата за Албанците.