Рохани повторно ќе се кандидира за претседател

Иранскиот претседател Хасан Рохани ќе се кандидира за втор четиригодишен мандат, соопшти негов соработник.Релативно умерениот Рохани допрва треба јавно да соопшти дали ќе побара реизбор на претседателските избори на 19 мај.

„Во изминатите неколку недели, господин Рохани донесе одлука да учествува на претседателските избори“, рече заменик претседателот за собраниски прашања Хосеин Али Амири.

Рохани треба да се соочи со конзервативците кои допрва треба да ги објават своите кандидати за изборите. Конзервативците го обвинуваат Рохани за погрешно водење на економијата и за пренагласување на придобивките од нуклеарниот договор со светските сили од 2015 година.