Демократите против барањето ФБИ да го „брани“ Трамп од новинарите

Лидерката на демократите во Конгресот, Ненси Пелоси

Демократите во американскиот Конгрес изразија остро незадоволство, откако Белата куќа побара од ФБИ да ги побие новинските извештаи за контакти меѓу руските разузнавачи и соработници на претседателот Доналд Трамп. Лидерката на демократите во Конгресот, Ненси Пелоси, вчера го повика Министерството за правда да ја испита законитоста на барањето на шефот на кабинетот на претседателот Трамп, Ренс Прибиус, високи претставници на ФБИ да се спротивстават на вестите според кои наводно имало повеќекратни контакти меѓу руски агенти и соработници во кампањата на Трамп минатата година.

„Прибиус изврши невидено прекршување на независноста на ФБИ“, рече Пелоси, која додаде дека тој не само што си го нарушил угледот, туку и непристрасноста на ФБИ.

Сенаторот Рој Вајден, член на сенатскиот комитет за разузнавање кој го истражува наводното руско мешање во изборите, го повика директорот на ФБИ Џејмс Коми да сведочи.

Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, рече дека Прибиус немал друг избор отколку да побара помош од ФБИ во побивање на, како што рече, неточните информации.