Британскиот министер за Европа и Америка во посета на Македонија

Сер Ален Данкан, британски министер за Европа и Америка

Британскиот министер за Европа и Америка, сер Алан Данкан денеска ќе допатува во посета на Република Македонија во чии рамки ќе биде примен од претседателот на државата Ѓорге Иванов, а ќе има средби со шефот на дипломатијата Никола Попоски и со лидерите на сите политички партии застапени во македонското Собрание.

Како што информираат од Британскиот форин офис, на средбите ќе се разговара за актуелната политичка ситуација, потребата за итни реформи кои ќе овозможат напредок кон членство во НАТО и ЕУ, како и плановите на лидерите за изградба на просперитетна и инклузивна држава.

Министерот сер Данкан, во рамки на дводневниот престој во државата, ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, на СЈО и институции поврзани со владеењето на правото.

Посетата на сер Данкан на Македонија, која доаѓа неполна година од посетатата на неговиот претходник Дејвид Лидингтон ја нагласува посветеноста на Британија да биде активен поддржувач на Западниот Балкан. Дводневниот престој во Скопје е дел од неговата западно-балканска турнеја, во чии рамки прва станица е Подгорица.