ДУИ најави маратонска дебата на централното претседателство

Седиштето на ДУИ во Мала Речица

Вечерва почнуваме со маратонската дебата бидејќи се работи за обемен закон и обемни други прашања, најави вечерва портпаролот на ДУИ Бујар Османи. Тој ова го кажа пред седиштето на партијата во Мала Речица, непосредно по започнувањето на седницата на централното претседателство на ДУИ, на која се поканети да присуствуваат и пратениците.

“Ќе се разгледува внимателно секое прашање така што не верувам дека ќе заврши оваа дебата, ќе продолжи и наредните денови и кога ќе се исцрпи дебатата ќе биде донесена одлуката” најави Османи.

На новинарско прашање дали работните групи на СДСМ и ДУИ ги затвориле сите прашања тој одговори дека доколку претседателстовото смета дека материјалот е недоволен има право да ја врати документацијата на доработка.

На прашањето, пак, дали наскоро ДУИ ќе му даде потписи на Заев за да го земе мандатот, Османи рече дека не можел да се симплифицира процесот на давање на потписи на тој начин бидејќи "воделе суштински процес на разговори и доближување на ставови, а поддршката на ДУИ била краен процес на еден постигнат договор меѓу двете партии". На седницата, како што најави тој, ќе се разгледуваат документите кои се производ на досегашната работа на работните групи од двете партии кои доближиле значителен број ставови, а и вчеравечер на средбата дел разлики надминале партиските претседатели Зоран Заев и Али Ахмети.