Британскиот министер за Европа и Америка ќе ја посети Македонија

Архивска фотографија, Британскиот министер за Европа и Америка Сер Алан Данкан

Во посета на Македонија утре пристигнува британскиот министер за Европа и Америка Сер Алан Данкан како дел од неговата мини турнеја низ Западен Балкан, се вели во соопштението од британското министерство за надворешни работи.

При посетата во Скопје предвидено е да се сретне со лидерите на политичките партии кои на изборите освоија пратенички мандати, со претседателот Ѓорѓе Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски и со претставници на граѓанскиот сектор и на институции кои се во доменот на владеењето на правото и демократија.

Данкан во најавата за неговата посета истакнува дека и покрај случувањата со Брегзит, Британија ќе ја напушти Европската Унија, но не ја напушта Европа.

„ Доаѓам во Македонија во овој период за да ги ислушам лидерите на сите ваши политички партии и да испратам јасна порака: Обединетото кралство е голем пријател на Македонија и ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја влада на Македонија која ќе работи на битни реформи и транспарентност“ се вели во неговата најава.

Тој додава дека политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите кои ја создадоа сегашната политичка криза, да донесат тешки одлуки, и да се посветат на демократијата и потребните реформи за напредок на земјата.