Коцијанчич: Турција да ги почитува демократските стандарди на ЕУ

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич.

Турција како земја кандидат за членство во ЕУ треба да ги почитува највисоките демократски стандарди на Унијата, вклучувајќи ја и слободата на медиумите која е појдовна основа на секое демократско општество, изјави портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич.

Таа го коментираше приведувањето на дописникот на германскиот весник „Велт“ во Анкара: „Ние внимателно ќе го следиме развојот на случајот и на другите предмети на приведување новинари во Турција“, рече Коцијанчич.

Весникот „Велт“ претходно информираше дека нивниот дописник е приведен од турската полиција под сомнение за учество во терористичка организација, неправилно користење на податоци и терористичка пропаганда.