Германска националистичка политичарка се сретнала со соработници на Путин

Фрауке Петри, ко-лидер на Алтернатива за Германија

Германската најистакната националистичка политичарка Фрауке Петри за време на викендот имала разговори со руски законодавци, меѓу кои и со високи членови на партијата Обединета Русија на претседателот Владимир Путин. Како што соопшти нејзината канцеларија, Петри, која е ко-лидер на Алтернатива за Германија, била поканета во Москва на разговори за соработка, каде што се сретнала со првиот и вториот човек на руската Дума. Во соопштението не е наведено за што било разговарано. Думата соопшти дека разговорите биле посветени на меѓусебната соработка, како и развојот на контактите на младински организации. На состанокот присуствувале и Владимир Жириновски и Леонид Слуцки од ултранационалистичката Либералдемократска партија на Русија.

Разговорите доаѓаат во чувствително време за германско- руските односи. Имено, германски официјални лица постојано предупредуваат дека Москва ќе се обиде да влијае врз изборите во Германија во септември и да ја дестабилизира земјата со поддршка на екстремистички групи.