Мек Кејн ја нагласи важноста на слободата на медиумите

Германија-американскиот сенатор Џон Мек Кејн на минхенската безбедносна конференција,18.02.2017

Влијателниот американски републикански сенатор Џон Мек Кејн рече дека глобалниот поредок по Втората светска војна во дел беше изграден врз слободните медиуми кои ги опиша како “клучни”. Мек Кејн кој претседава со комитетот на Сенатот за вооружените сили го кажа ова денеска во интервју за телевизијата НБЦ снимано на маргините од Минхенската безбедносна конференција. Неговиот коментар доаѓа како одговор на постот на социјалната мрежа Твитер на американскиот претседател Доналд Трамп, објавен ден претходно, во кој тој ги обвини медиумите дека се “непријатели на американскиот народ”.

Ако сакаме да ја заштитиме демократијата каква што ја знаеме, треба да имаме слободни и многу често непријателски медиуми, рече Мек Кејн. Тој додаде дека прва работа што сакаат да ја направат диктаторите е да ги замолчат медиумите. Јас само велам дека треба да ги научиме лекциите од минатато, нагласи Мек Кејн.

Зборувајќи на минхенската безбедносна конференција вчера германската канцеларка Ангела Меркел исто така зборуваше за важноста на слободните медиуми, наведувајќи дека има голема почит за новинарите, а дека слободата на печатот е многу значаен столб на демократијата.