Зекири тврди дека бил нападнат, Мијалков негира

Архивска фотографија-пратеникот Мухамед Зекири на предизборен митинг на СДСМ

Пратеникот од СДСМ Мухамед Заекири тврди дека синоќа бил нападнат од обезбедувањето на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.Мијалков, пак, ги демантира таквите информации.

Зекири за медиумите изјави дека додека тој со пријатели бил во кафуле во Градскиот трговски центар дошло едно лице и им рекло да го напуштат веднаш локалот бидејќи имало приватна забава.

“Се обидов на лицето да му објаснам дека имаме резервирано маса но тој ја преврте. Потоа почнааа со туркање да ме вадат надвор, а забележав дека во локалот е Мијалков. Едно од лицата извади полициска значка, а друг од позади ме удри. Јас и пријателите излеговме и случајот го пријавив во полиција” изјави за Либертас Зекири.

Потоа на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук тој напиша дека и по неколку часовен престој во полициската станица Беко не успеал да даде изјава затоа што дежурниот полицаец, како што пишува, се плашел да ја напише неговата изјава затоа што го спомнал името на Мијалков.

Поранешниот шеф на УБК негираше. Изјавата што ја дал Мухамед Зекири е целосна лага и клевета и најостро ги демантирам манипулациите дека некој од моето обезбедување го нападнал, се наведува во реакцијата.

„Доколку во најкус можен рок не се извини, против него и против медиумите кои шират вакви дезинформации ќе следуваат тужби“, пишува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.