Села-ќе се формира тело за предлог закон за албанскиот јазик

Архивска фотографија- Зијадин Села, претседател на Движењето за реформи-ДПА

Парламентарните партии на Албанците ќе формираат тело кое ќе изготви предлог закон за употреба на јазиците. Ова го соопшти Зијадин Села од Алијансата за Албанците по двочасовната средба на претставниците на алијансата со претседателот на ДУИ Али Ахмети и шефот на неговиот кабинет Артан Груби. Тој појасни дека се договориле во рок од три дена парламентарните партии на Албанците да предложат по двајца нивни претставници за да се направи правилник за функционирање на тоа тело.

“Нека биде јасно за јавноста, бидејќи многу се дебатира кој предлага закон- закон за употреба на јазиците ќе предложи ова тело и заедно работиме на предлог-закон кој ќе ги задоволи потребите на Албанците”рече Села.

Toj го повтори нивниот познат став, кој како што рече го соопштил по средбата кај претседателот, дека се спремни да дадат потписи претседателот на СДСМ Зоран Заев да го земе мандатот, но дека тоа не значи поддршка за влада.

На денешната средба не дојдоа претставници на Беса која е третата страна потписничка на заедничката декларација на Албанците.

Како што претходно соопштија од партијата нивниот претседател Биљаљ Касами не добил покана, но од таму неколкупати нагласија дека нема да седнат на иста маса со Ахмети.