Матис - Трамп целосно го поддржува НАТО

Американскиот секретар за одбрана, Џим Матис на конференцијата во Минхен, 17 февруати, 2017.

Американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, изјави дека претседателот Доналд Трамп дава целосна поддршка на НАТО. Тој повторно ги повика земјите членки да го понесат својот дел од финансискиот товар за одбрана.

Американскиот секретар денеска зборуваше на годишната конференција за безбедност во Минхен, каде европските лидери со внимателност следеа сигнали за посветеноста на Вашингтон да ги почитуваат трансатланските врски.

Тој ги уверуваше присутните на конференцијата дека САД нема да бегаат од определбата да се зачува слободата за следната генерација.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен на конференцијата во Минхен рече дека конфликтите и кризите во светот се шират со неверојатна стапка.

Таа вели дека некои земји проектираат воена моќ и дека тие зони на влијание се модифицирани на начин на кој го кршат меѓународното право.

„Нашето отворено општество и нашите слободи се под напад“, рече таа.

Германската министерка вели дека за земјите членки на НАТО освен што е важно да го споделат финасискиот товар, важно е да почитуваат и други заеднички вредности, како спротивставување на тортурата, избегнување на цивилни жртви, исто така, се од суштинско значење, посветеноста на Алијансата на одбрана на членови кои се нападнати.

На отворањето на настанот, претседателот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, рече дека овој собир доаѓа во време на големи неизвесности, меѓу кои и неизвесноста за иднината на трансатланските односи.