Блер повика на промена на ставот за Брегзит

Поранешниот британски премиер Тони Блер држи говор на проевропски настан во Лондон, 17 февруари, 2017

Поранешниот британски премиер Тони Блер ги повика Британците да го променат својот став за Брегзит, тврдејќи дека гласањето да ја напуштат ЕУ претставува закана за земјата.

Тој во својот прв голем политички настап по референдумот во јуни, рече дека не им било баш јасно за што гласаат кога се одржал референдумот и дека Владата сака Брегзит по секоја цена.

„Луѓето гласаа без да знаат кои се условите за Брегзит. Како овие услови стануваат појасно, така тие имаат право да го променат своето мислење. Наша мисија е да ги убедиме да го направат тоа“, изјави Блер на проевропски настан во Лондон.

Тој вели дека сега не е време за повлекување, незаинтересираност или очај, туку време за одбрана на она во што веруваат.

Британската влада соопшти дека „се апсолутно посветени“ на спроведувањето на Брегзит. Премиерката Тереза Меј сака да стартува формални разговори за Брегзит до крајот на следниот месец, потег којшто беше поддржан од Собранието минатата недела.

Блер кој беше на функција од 1997 до 2007 година, останува важна личност во британската политика и покрај тоа што неговиот углед меѓу британската јавност и понатаму е засенет од војната во Ирак.