Бизнисмените од Македонија и Србија бараат деблокирање на Евзони

Стопанските комори на Македонија и Србија апелираат што поскоро да се реши проблемот со блокадата на граничниот премин Евзони и да се овозможи слободен проток на луѓе и стоки. Тие денеска на Македонско-српскиот бизнис форум во Скопје истакнаа дека штетите од блокадите ќе бидат огромни.

„Штети ќе има не само врз македонското стопанство, туку и врз земјите со кои соработуваме. Се надеваме дека ситуацијата ќе има брза разрешница за да не бидат големи директните и индиректните трошоци, изјави извршната директорка на Стопанската комора на Македонија Јелисавета Георгиева пред почетокот на форумот.

Директорката на Центарот за регионална соработка при Стопанската комора на Србија, Даница Миловановиќ потенцира дека какви било блокади на границите може да го забават растот на размената.