„Меџитлија“ и „Дојран“ отворени за влез на цистерни со нафта

Илустрација-граничен премин

Поради блокада на грчкиот премин Евзони, Владата на РМ донесе одлука цистерните со нафтени деривати од јужната граница, кои досега во Македонија влегуваа само на граничниот премин „Богородица“, да може да влегуваат и на граничните премини „Меџитлија“ и „Дојран“. Мерката, која е предизвикана од случувањата во Грција, во сила ќе биде до 5 март 2017, изјави вечерва владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, пренесува МИА.

"Одлуката е донесена поради оневозможување на влез на цистерни со нафта и нафтени деривати на Македонија на ГП „Богородица“ од попречувања што се случуваат од другата страна на границата и кои прават определено оптоварување на компаниите и има импликација на економските движења во Република Македонија", рече Ѓорѓиев.

Tој додава дека на „Меџитлија“ и „Дојран“ е можно протокот да биде побавен затоа што квалитетот на патот за пристап до премините од двете страни на границата не е идентичен со квалитетот на патот на Богородица - Евзони.