Најголеми антивладини демонстрации во Романија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Судири на антивладините протести во Букурешт

Во Романија дојде до големи демонстрации против владиниот декрет за декриминализирање на некои коруптивни престапи. Најмалку 250 илјади луѓе излегле на улиците во повеќе градови, од што половината во Букурешт. Таму протестот заврши со судири меѓу силите на редот и групи демонстранти пред владата.

Новата социјалдемократска влада на Романија се соочи со најмасовни демонстрации од соборувањето на социјалистичкиот поредок во 1989 година.

Николае Станчу, кој протестираше во Букурешт вели:

„Дојдовме да ја заштитиме нашата земја од криминалците. Тие се обидоа да го отфрлат владеењето на правото во Романија. Дојдовме да ги заштитиме нашите права, а не нивните нејасни интереси“, вели тој.

Декретот на владата да ги ублажи прописите за сузбивање на корупцијата се смета за најголемо уназадување на реформите откако земјата влезе во ЕУ во 2007 година.

Меѓу другото, со декретот се декриминализираат повеќе дела и злоупотреби на власта, а некои од нив можат да се казнуваат со затвор само ако е причинета штета над 48 илјади евра.

Тоа посебно треба да му овозможи на шефот на Социјалдемократската партија Ливиу Драгнеа да го избегне судењето поради фиктивни зделки што почна пред два дена.

Драгнеа сакаше да биде премиер, но мораше да поднесе оставка поради казната од две години затвор условно поради изборна измама.

Владата исто така му достави на парламентот предлог врз основа на кој од издржувањето казна би биле ослободени две ипол илјади затвореници, осудени на пет години затвор од што најмногу корист би имале некои осудени политичари.

Романските социјалдемократи се вратија на власт во декември лани, односно една година откако беа натерани да ја напуштат со демонстрациите поради пожарот во еден ноќен клуб во кој имаше жртви.

Надлежните антикорупциски власти сега вршат истрага за околу 2 илјади случаи на злоупотреба на власта.

Шест западни земји, меѓу нив Германија и САД, издадоа ретко заедничко соопштение со кое изразуваат длабока загриженост поради спорниот декрет со кој, како што се наведува, „се поткопува напредокот на Романија во борбата против корупцијата“.

Голема загриженост изрази и Европската комисија.

Владата, пак, оцени дека во нејзините одлуки немало ништо тајно, нелегално или неморално.