НАТО: САД сакаат дијалог со Русија од позиција на сила

Јенс Столтенберг - Генералниот секретар на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека алијансата и новата администрација на САД се договориле за потребата за дијалог со Русија „од позиција на сила.“

Столтенберг денеска рече дека во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп и секретарот за одбрана Џејмс Матис „сите ја пренесоа истата порака дека САД остануваат посветени на НАТО и на трансатланските врски.“

„Пораката од новата администрација е дека исто така сакаат дијалог со Русија, но од позиција на сила“, додаде тој.

Односите меѓу НАТО и Русија се спуштија на најниско ниво од Студената војна, во услови на тензии по руската анексија на Крим во 2014 и поддршката на сепаратистите во источна Украина, нејзината вклученост во сирискиот конфликт и за други прашања.