Романскиот претседател против помилувањата за политички криминал

Романскиот претседател Клаус Јоханис

Романскиот претседател Клаус Јоханис побара од Владата да се откаже од намерите за помилување на осудени лица и за промени во Кривичниот законик, кои предизвикаа масовни протести, при што нагласи дека „гласот на луѓето не може да се занемари“, јави Аџерпрес.

„Владата не може да ја занемарува волјата на граѓаните, која е неприкосновена. Гласот на луѓето повеќе не може да биде игнориран! Добра демократија е онаа во која мнозинствата не ги злоупотребуваат своите права само затоа што привремено ја имаат власта. Барам од Владата да се откаже од постапките за помилување и од измени во Кривичниот законик“, објави на Фејсбук шефот на романската држава.

Над 50.000 Романци протестираа синоќа во Букурешт против предлог законите, со чие усвојување би се ослободиле илјадници затвореници и би се отежнале истрагите за корупција и за злоупотреба на службената положба.