Ердоган ја поздрави одлуката за уставните реформи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган започна кампања за поддршка на уставните реформи, кои значително ќе ги зголемат претседателските овластувања, откако рано изутринава во Парламентот беше изгласан пакетот уставни измени со што се овозможува организирање референдум по ова прашање.

„Со Божја волја, народот ќе донесе вистинско и конечно решение“, истакна Ердоган, додавајќи дека „таа одлука ќе ја катапултира Турција на повисока позиција“.

Парламентот ги одобри измените во Уставот со 339 гласови од вкупно 550 члена. На седницата која заврши рано изутринава, пратениците гласаа пакет измени предложени од владејачката партија на Ердоган.

Ердоган и неговите приврзаници тврдат дека измените ќе донесат стабилност, но критичарите сметаат дека тие му дозволуваат премногу власт на шефот на државата. Ердоган, кој раководи со Турција од 2003 година, веќе е обвинуван за зголемен авторитаризам.

Според владејачката Партија на правда и развој, се очекува референдумот за тоа прашање да биде одржан кон средината на април оваа година.

Уставните измени предвидуваат префрлање на основниот дел од извршната власт на претседателот, кој лично ќе ги назначува министрите. Тој ќе определи и еден или неколку потпретседатели. Премиерската функција, која моментно ја извршува Бинали Јулдирим, ќе отпадне. Реформите му дозволуваат на шефот на државата директно да се меша во судството. Според оваа реформа, претседателот ќе има право да одлучи дали да се воведе вонредна состојба во земјата пред тоа прашање да биде поднесено во Парламентот. Исто така и бројот на пратеници ќе биде зголемен од 550 на 600, а минималната возраст за пратеник ќе биде намалена од 25 на 18 години.