Одбележан Водици во повеќе градови во Македонија

Бобан Павловски од Охрид го фати Светиот крст во реката Вардар,Скопје,19.01.2017

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици. Бобан Павловски од Охрид го фати Светиот крст во реката Вардар што денеска напладне од мостот кај „Холидеј ин“ го положи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. На чинот на положувањето на крстот во Вардар присуствуваа премиерот Емил Димитриев и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Дваесет и седумгодишниот Петар Рупески од населбата Варош, пак, по четврти пат го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро. На чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро што го спроведоа великодостојници на Дебарско-кичевската епархија присуствуваа десеттина илјади луѓе, православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и гости од странство, меѓу кои и делегации на збратимените градови на Охрид.

Крст се положува во водите во речиси сите градови во Македонија. Православниот празник на верниците им го честитаа државните претставници, политичките партии и повеќе здруженија.