Лавина затрупа хотел во Италија

Хотелот Ригопиано кој е затрупан од Лавина во централна Италија, 19.01.2017

Властите во Италија денеска соопштија дека околу 30 луѓе се исчезнати откако лавина го затрупа малиот планински хотел во централниот регион кој беше погоден од земјотрес ден претходно.

Агенцијата АНСА цитира еден од спасувачите кој вели дека има и загинати, но нема детали, а властите ги негираа претходните извештаи во кои се наведуваше дека се пронајдени многу мртви.

Италијанските медиуми се повикуваат и на изјавата на Фабрицио Цурцио, шеф на одделот за цивилна заштита, кој вели дека во хотелот Ригопиано во Фариндола, имало околу 30 гости и вработени. Се уште не се знае дали земјотресот што се случи на 18 јануари ја предизвикал лавината. Централна Италија беше погодена од неколку земјотреси последниве месеци, меѓу кои и оној во август лани во кој загинаа околу 300 луѓе.