САД бараат од Србија и Косово да избегнуваат „опасна реторика“

Српскиот воз кој требаше да влезе на Косово. Белград 14.01.2017.

Соединетите држави побараа од Србија и од Косово да „избегнуваат опасна реторика“ како што растат тензиите меѓу двете страни. Последниот инцидент се случи на 14 овој месец кога Белград испрати воз на кој било испишано „Косово е Србија“ кон српската енкалва во северно Косово. Возот беше задржан на границата откако косовските власти изјавија дека ќе го запрат. Белград соопшти дека го запрел возот, бидејќи косовските безбедносни сили планирале да го нападнат. Претседателот на Косово Хашим Тачи го обвини Белград дека планира да го заземе северно Косово како што Русија направи со Крим. Српскиот претседател Томислав Николиќ пак изјави дека Приштина сака војна. Американската амбасада во Приштина во соопштението наведува дека САД го почитуваат правото на Косово да решава кој да ја минува границата. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека ЕУ мора да помогне во деескалација на ситуацијата на Балканот.