Полиција во ССМ, синдикалците надвор

Синдикалци протестираат пред Собранието на Република Македонија, против одлуките на разрешениот претседател на ССМ, Живко Митревски.

Синдикалци ја блокираа раскрсницата пред Собранието на Македонија, во центарот на Скопје, откако не успеаја да влезат во зградата на ССМ. Полицајци распоредени во и пред зградата на ССМ ги спречија членовите на четирите гранкови синдикати кои неодамна беа исклучени од ССМ да влезат во зградата. Тие денеска протестираат против одлуките на, како што велат, разрешениот претседател Живко Митревски. Синдикалците рекоа дека само сакаат да влезат во зградата и да си ги земат синдикалните риквизити, но не им беше дозволено да влезат. Па затоа се упатија пред Парламентот.

В.д претседателот на ССМ, Дарко Димовски вели дека се фрапирани од полициското присуство во ССМ, од специјалците и полициските џипови, а, како што вели, денеска само дошле на работа.

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски ги повика сите синдикалци да излезат и да се борат за своите права, оти, како што вели, ова е битка за синдикатот и ништо друго.

„Полицијата е во зградата, а синдикалците се надвор од зградата, сликата која ја гледате навистина преставува срам и за државата и за синдикатот, вели Грујовски.

Синдикалците велат дека се против нелегалното окупирање на Сојузот од страна на разрешениот претседател Живко Митревски. Митревски првин беше разрешен од должноста, а за тоа време во централниот регистер не беше впишано новото раководство. Во меѓувреме новиот министер за труд и социјала го поништи решението за смена на Митревски, по што тој се обиде да се врати на работа, а неколку синдикалци беа повредени.