Иванов ќе му го додели мандатот на Груевски

Архивска фотографија-Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во 13:00 часот ќе го врачи мандатот за состав на Владата на Република Македонија на Никола Груевски, претседател на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од кабинетот на претседателот.

Доделувањето на мандатот се случува на последниот рок според Уставот. Потоа мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Деветтиот македонски парламентарен состав, кој има 120 народни избраници, се конституираше на 30 декември минатата година. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2.