Путин: Русија нема да протера дипломати на САД

Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Москва нема да протера Американци од земјата, како одговор и одмазда откако САД протера 35 руски официјални лица за наводно хакирање со цел нарушување на американските избори, шпионажа и вознемирување на дипломати на САД во Русија.

Изјавата на Путин доаѓа откако Русија сигнализираше дека ќе возврати на протерувањата на САД, кои беа дел од пакетот мерки објавени од страна на американскиот претседател Барак Обама, во кои исто така се вклучени санкции против руските разузнавачки агенции и забранет пристап на руски државјани до зградите во сопственост на руската влада во Мериленд и Њујорк.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Путин му испрати листа од 35 американски дипломати и предложи нивно протерување, како и затворање на објекти во Москва кои ги користат дипломатите на САД.

Изјавата на Путин е објавена на веб-страницата на Кремљ. Во неа е наведеното дека тој сака да избегне ескалација на еден од најголемите спорови од крајот на Студената војна, на само неколку недели пред преземањето на функцијата на новизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Путин рече дека мерките на САД, објавени на 29 декември од страна на американскиот претседател Барак Обама, се „непријателски“ и „со цел понатамошно поткопување на руско-американските односи.