Рускиот амбасадор во Турција им подлегна на повредите

Амбасадорот на Русија во Турција Андреј Карлов

Рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов им подлегна на раните здобиени во нападот со огнено оружје извршен денеска за време на отворање изложба на слики во Анкара.

Руските и западните агенции ја цитираат портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова која изјавила дека амбасадорот Андреј Карлов починал кратко време по пукањето.

Уште три лица биле ранети во нападот со огнено оружје врз рускиот амбасадор во Анкара, јавија турски медиуми.

Турските медиуми објавија дека напаѓачот на рускиот амбасадор бил „неутрализиран“ од турските безбедносни сили.

Според очевидец на нападот, мажот кој пукал во Карлов извикувал „Алепо“ и „одмазда“.

Амбасадорот Андреј Карлов бил назначен на оваа функција во 2013 година

Во Москва, портпаролот на Кремљ, изјави дека претседателот Владимир Путин бил информиран за нападот.

Во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби изјави дека САД го осудија нападот.