ДИК го отфрли последниот приговор на СДСМ

Седница на Државната изборна комисија

Државната изборна комисија (ДИК) го отфрли приговорот на СДСМ кој се однесуваше на гласачко место во шестата изборна единица. Во него беше наведено дека недостигало гласачко ливче пред почетокот на изборниот ден, а тоа било искинато надвор од процедура. За прифаќање на приговорот гласаа 4 членови на ДИК, 4 беа против, а Субхи Јакупи рече дека нема да се изјасни.

Ова беше последниот приговор од осумте што ги поднесе опозицијата. Претходно пет беа отфрлени, а СДСМ вчера повлече два.

Комисијата отфрли и седум приговори од Движењето Беса, а еден усвои со шест гласа „за“ и три „против“. Тој се однесува на постапката на гласање за избирачко место во Гостивар, за кој беше побарано графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдило дека има обид за гласање по вторпат. Графологот утврди дека потписот не е автентичен по што гласањето беше поништено, но дополнително треба да се соопшти дали ќе има прегласување.

Додека траеше седницата на ДИК и денеска поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и партиски функционери се собраа пред зградата на Нова Македонија каде што е сместена комисијата, а на насобраните им се обрати и лидерот на оваа партија Никола Груевски.

Партиите и коалициите кои се незадоволни од одлуките на ДИК моше да поднесат жалби до Управниот суд, кој, пак, има рок од 48 часа по примањето на тужбите да одлучува по нив. Одлуката треба во рок од 24 часа да ја објави на веб-страната.

По тужбите Управниот суд одлучува во совет од петмина судии избрани по пат на ждрепка, на јавна седница за која ја информира јавноста и овластените претставници по чии тужби се одлучува. Објавените одлуки на веб-страната на ДИК, како што е наведено во Роковникот на Комисијата, ќе го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.

Седницата на ДИК започна пред два дена така што предвидените рокови во Роковникот за изборите се пролонгирани. Според тоа, конечните резултати би можело да бидат објавени најдоцна на 21 декември, откако ќе бидат познати одлуките на Управниот суд, и доколку нема прегласување на некое избирачко место. Доколку има прегласување, тоа треба да се одржи на 25 декември.