Почна седницата на ДИК, протестите продолжија

Архивска фотографија- Јавна седница на ДИК за приговорите на СДСМ и Беса

Со два часа задоцнување, во 13 часот почна седницата на Државната изборна комисија на која се разгледува последниот приговор што СДСМ и коалицијата го поднесоа за изборите што се одржаа на 11 декември. Приговорот се однесува на гласачко место во шестата изборна единица. Во него се наведува дека недостигало гласачко ливче пред почетокот на изборниот ден а тоа било искинато надвор од процедура.

Ова е последниот приговор од осумте што ги поднесе опозицијата. Претходно пет беа отфрлени, а СДСМ вчера повлече два.

Комисијата отфрли иседум приговори од Движењето Беса , а еден усвои со шест гласа „за“ и три „против“. Тој се однесува на постапката на гласање за избирачко место во Гостивар, за кој беше побарано графолошко вештачење на потписот на еден гласач за кој се утврдило дека има обид за гласање по вторпат. Графологот утврди дека потписот не е автентичен по што гласањето беше поништено, но дополнително треба да се соопшти дали ќе има прегласување.

Додека трае седницата на ДИК и денеска поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и партиски функционери се собраа пред зградата на Нова Македонија каде што е сместена комисијата. Во говорите на партиските функционери се повторуваат пораките дека дека нема да дозволат некој да ја украде победата на ВМРО-ДПМНЕ,а насобраните повремено извикуваат “уа” и пукаат петарди.