Јапонскиот премиер ќе го посети Перл Харбор

Нападот на Перл Харбор на 7 декември 1941 година

Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска најави дека овој месец ќе го посети Перл Харбор со што ќе стане прв јапонски лидер што ќе отпатува на местото на јапонскиот напад врз САД со кој почна Втората светска војна на Пацификот.

„Би сакал да му ја покажам на светот решеноста дека ужасите на војната не смеат да се повторат“, рече тој.

Јапонската армија ја нападна американската воена база Перл Харбор на Хаваи на 7 декември 1941. Јапонските сили ја нападнаа базата со надеж дека ќе ја уништат американската воена моќ на Пацификот, но тоа доведе до вклучување на САД во Втората светска војна и порази на Јапонија четири години подоцна.

Посетата на Абе на 26 и 27 декември доаѓа седум месеци откако Барак Обама стана првиот американски претседател што за враме на мандатот ја посетил Хирошима, каде што САД ја фрлија првата атомска бомба.