Затвор за луѓе од модната индустрија во Иран поради „непристојни“ фотографии

Архивска фотографија: Ирански манекенки со гардероба со боите на иранското знаме на 24 јуни 2014

Иранскиот суд осуди 12 луѓе од модната индустрија на затворски казни поради објавување фотографии на интернет, објавуваат иранските медиуми. Осумтемина мажи и четири жени денеска се осудени на затворски казни од пет месеци до шест години од судот во градот Шираз во јужен Иран, објави новинската агенција ИЛНА.

Нивниот адвокат рече дека исто така им е забрането да работат во модната индустрија или да патуваат во странство две години по отслужувањето на казната. Адвокатот Махмуд Тарават изјави дека неговите клиенти биле осудени за ширење проституција, вклучувајќи и промовирање корупција со тоа што објавувале непристојни фотографии со кои се шири „западната култура на голотија“.

Иранското судство и претходно оваа година преземаше мерки против „неисламското“ однесување во модната индустрија, под изговор дека шират „порнографија“ и „изопаченост“.