Завршни зборови на судењето против Младиќ

Генерал Ратко Младиќ пред Хашкиот трибунал

Хашкото обвинителство ги започна завршните зборови на судењето за геноцид на поранешниот воен лидер на босанските Срби, генерал Ратко Младиќ. Обвинителот Алан Тигер пред хашките судии рече дека Младиќ помогнал да се организира масакарот на околу 8.000 муслимански мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година. Тој исто така е обвинет дека ја испланирал 44-месечната опсада на Сараево, каде што околу 10 илјади луѓе беа убиени од гранатирање и снајперски оган.

„Тој не се грижел дека муслиманите би можеле да создадат држава, негова грижа била тие целосно да исчезнат“, рече Тигер.

Младиќ ги негираше сите 11 обвиненија против него, вклучително и двете обвиненија за геноцид и воени злосторства и злосторства против човештвото. Се очекува завршните зборови да траат една недела, а пресудата се очекува догодина.