ДИК - Преземени сите мерки за спроведување на изборите

Љупка Гугучевска

Преземени се сите потребни законски мерки со цел почитување на сите рокови за спроведување на изборите, како и техничко-организациски мерки за спречување на евентуалните неправилности, соопшти денеска Државната изборна комисија (ДИК) во пресрет на парламентарните избори што ќе се одржат во недела.

Љупка Гугучевска од ДИК на прес-конференција информира дека гласачките ливчиња и изводите од избирачкиот список се во фаза на подготовка за печатење и оти ќе бидат доставени до општинските изборни комисии во рокот предвиден во Изборниот законик.

„За првпат на овие избори, изводите од избирачкиот список ќе содржат и лични фотографии од гласачите. Фотографиите се во формат како од личните карти или патните исправи на гласачите, а ќе послужат за полесно идентификување на гласачите, како и за елиминирање на евентуални злоупотреби“, истакна Гугучевска.

Домашните и странските набљудувачи кои сакаат да го следат изборниот процес имаат рок до утре да поднесат барање за овластување.