Мемети: Да не се објавуваат сцени со деца во политичка кампања

Народниот правобранител Иџет Мемети.

Народниот правобранител Иџет Мемети изјави , дека досега има неколку јавувања на граѓани и вработени по однос на прекршување на изборното право за време на кампањата.

- Имаме отворено една постапка по однос на злоупотреба на децата за настан на училиште од страна на една политичка партија, каде децата биле приморани да следат и учествуваат таму каде што не треба да учествуваат, рече Мемети.

Тој ги повика политичките партии да не ги злоупотребуваат децата и да не ги вклучуваат во политичката кампања.

Мемети ова го кажа на промовирањето на извештајот од истражувањето за вклученоста на децата со посебни потреби во образоавнието

Извештајот во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби 3. декември Мемети го промовираше со Заменик претставникот на Канцеларијата на УНИЦЕФ Елспет Ериксон.

Препорачуваме властите да го подобрат системот и усогласат со меѓународните документи, да го подигнат нивото на правната регулатива, како и да создадат и човечки и материјални услови за децата со посебни потреби да се вклучат во редовното образование. Во Македонија има само 20 такви училишта и ние потикнуваме да има повеќе, рече Мемети.

Во однос на неопходноста од инклузивно образование, резултатите од истражувањето покажуваат дека 90 проценти од училиштата имале позитивен став и 70 отсто оцениле дека екстерното образование не е прилагодено на учениците со посбени потреби.