Пратеник во Украина осомничен за соработка со руски тајни служби

Архивска фотографија- Пратениците Јулија Тимошенко и Олександр Онушенко на седница во украинските парламент

Шефот на истражниот оддел во украинските безбедносни служби обвини дека украинскиот пратеник Олександр Онушенко можеби шпионирал за Русија. Хрихориј Остафијчук, шеф на главниот истражен оддел денеска во Киев рече дека украинските безбедносни служби имаат докази кои упатуваат на предавнички активности на Онушенко. Тој наведе дека Онушенко добил руски пасош од властите во Москва, а во замена им помагал на руските тајни служби во дестабилизацијата на Украина. Според шефот на истражниот оддел пратеникот подготвувал „голем информативен напад“ против Украина.

Онушенко ја напушти Украина во јули откако парламентарците му го одземаа пратеничкиот имунитет додека траеше истрагата за неговата наводна вмешаност во нелегална продажба на природен гас. Тој ги отфрли обвинувањата од истражните органи, негирајќи и дека има руско државјанство.