Спасовски: Немам донесено незаконски одлуки

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи на Македонија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево на прес-конференција го демантираше денешниот заклучок на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и рече дека ја почитува забраната да се распределуваат и унапредуваат лица вработени во државните институции од денот на распишување на изборите до изборот на пратеници и формирање Влада.

„Ниту едно решение за распределување или унапредување од моја страна, односно на министерот за внатрешни работи,не е донесено во овој период. Документите од Комисијата доследно се почитуваат од МВР од денот на распишувањето на изборите“ истакна Спасовски.

Соопшти дека не го надминал бројот на распоредувања на пониска или на повисока позиција што му се дозволени на министерот за внатрешни работи согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за Влада и дека нив ги потпишал пред денот на донесување на одлуката за распишување на изборите. Но, заради нормално и тековно функционирање на МВР, рече тој, и поради недостиг на работници во одредени организациски единици во МВР, донел наредби со кои некои работници се задолжуваат да извршуваат задачи на конкретни работни места каде што има недостиг од полициски кадар за ограничен период од 30 дена.