Нови 37 инфицирани со ХИВ годинава, двајца починале

Во Македонија во текот на годинава се регистрирани 37 нови случаи со ХИВ инфекција. Двајца од нив починале. Ова денеска на прес-конференција го истакна Звонко Миленковиќ, национален координатор за ХИВ/СИДА и директор на Клиниката за инфективни болести, кој рече дека во двата случаи станува збор за лица кои се регистирани во напредната задоцнета форма на болест, но кои кратко време по приемот на Клиниката, поставувањето на основната дијагноза на болеста и по отпочнувањето соодветен третман, завршиле фатално.

Посочи дека од 37 новодијагностицирани случаи, една третина се на возраст под 30 години, една половина се на возраст од 30 до 40 години, а има и на возраст над 40 години (21 процент). Посочи дека од 37 новорегистрирани, 34 се од машки пол, а три од женски пол. Миленковиќ рече и дека во 2014 година биле регистирани 45 случаи, а во 2015 година - 32 случаи со ХИВ инфекција.