Приведени осомничени за пожарот во ученичкиот дом во Адана

Повредено девојче при пожарот во ученичкиот дом во Адана

Турската полиција денеска уапсила шест осомничени поради пожарот кој избувна во ученички интернат во турскиот округ Адана, при што загинаа 12 луѓе, од кои 11 девојчиња. Јавниот обвинител на Адана, Али Јелдан изјави дека меѓу уапсените, кои се осомничени за невнимание, се наоѓаат директорот на интернатот, тројца воспитувачи и уште двајца службеници. Надлежните велат дека најголем дел од жртвите загинале затоа што не можеле да го отворат помошниот излез во случај на опасност. Претходно, според првичните информации, како причина за пожарот беше наведен дефект во електричната инсталација, а огнот брзо се проширил бидејќи внатрешноста на домот била од дрвен материјал. Во пожарот во приватниот ученички дом, кој се наоѓа во градот Аладаг, загинаа 11 ученички и една воспитувачка, а 22 девојчиња беа повредени.