Неизвесно учеството на Левица на изборите?

Логото на партијата „Левица“.

Жарко Петрески од Скопје, кој се претставува како основач и член на Левица, до Основниот суд Скопје 2 поднел предлог за донесување привремена мерка за забрана за оваа партија да учествува на престојните предвремени парламентарни избори во декември.

Oд Левица реагираат дека човекот што има поднесено предлог за донесување привремена мерка за забрана за Левица да учествува на изборите во декември, не е помеѓу основачите на партијата. Според Левица тој најверојатно е манипулатор и ова значи дека режимот се уплашил од Левица.

Од Левица велат дека добиле известување од судот и дека ќе ја чекаат официјалната одлука, но дека тоа нема да ги спречи да продолжат со предизборните активности.

Во барањето до судот, подносителот Петрески наведува дека во октомври, од лица од партијата бил информиран дека централниот комитет на Левица на 16 октомври со мнозинство гласови донел одлука партијата самостојно да настапи на изборите.

Петрески во дописот до судот напишал дека оваа одлука, била во целост спротивна на статутот на Левица, и дека одлуки за учество или бојкот на избори донесувал пленум, а не централниот комитет.