Порошенко уверен во поддршката од САД

Украинскиот претседател Петро Порошенко на Самитот ЕУ-Украина во Брисел.

Украинскиот претседател Петро Порошенко изрази увереност во продолжувањето на американската поддршката за Украина по телефонскиот разговор со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за руската „агресија“.

Зборувајќи денеска на Самитот ЕУ-Украина во Брисел, Порошенко рече дека „Украина има силна двопартиска поддршка во американскиот Конгрес, како од републиканците, така и од демократите“.

„Не очекуваме никакви значителни промени во оваа поддршка“, додаде тој.

Трамп за време на неговата кампања зборуваше за помирувачки пристап кон Кремљ, па дури и навести дека би можел да ја прифати руската анексија на Крим. Порошенко рече дека Трамп го отворил прашањето за „руската агресија и нелегалната анексија на Крим“ во телефонскиот разговор неколку дена откако републиканскиот кандидат победи на претседателските избори во САД. Порошенко исто така рече дека имал и можност да му даде на Трамп многу детални информации за последните случувања во источниот дел на Украина и во Крим.