СЈО го побара случајот „Сопот“

Архивкс фотографија: прес-конференција во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го побарале предметот познат во јавноста како „Сопот“.

„Предметот е побаран со цел да одлучиме дали овој предмет спаѓа во надлежноста на Специјалниот јавен обвинител, имајќи предвид јавно објавен разговор од незаконски следените комуникации“, е наведено во соопштението на СЈО.

При минатогодишното објавување на опозициските бомби, претставници на СДСМ излегоа со тврдење дека пресудата е политички донесена.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ: Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков за Сопот

Станува збор за предмет во кој беа осудени 12 жители од кумановското село Сопот за кривично дело тероризам. Осудените тогаш се товареа дека на 4 март 2003 година подметнале експлозивна направа, односно на локалниот пат Сушево-Сопот поставиле противтенковска мина која се активирала кога низ тој пат минувало возило на НАТО. При експлозијата тогаш загинаа припадниците на полскиот контингент на НАТО, Павел Легински и Фјодор Никуловски и цивилот Крунислав Кипријановски, а тешко беа повредени преведувачката Поликсена Филиповска и Милевка Кипријановска.

Овој предмет неколку пати досега беше враќан на повторно судење, а за случајот беше формирана и посебна собраниска комисија што требаше да ја преиспита судската одлука, но и да го истражи целиот случај.