Ердоган - Гласањето во ЕП нема никаква вредност за нас

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборува пред полициски службеници и кадети на конференција во Анкара на 22 ноември 2016

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека гласањето во Европскиот парламент за евентуален прекин на пристапните преговори меѓу ЕУ и Анкара ништо не и значи на неговата земја и повторно ја обвини Европа дека стои зад терористичките организации.

„Повеќе пати јасно кажавме дека многу повеќе ги почитуваме европските вредности од многу земји на ЕУ, но не можевме да ја видиме конкретната поддршка на западните пријатели. Ниту едно ветување не е исполнето“, рече Ердоган на конференцијата на Организацијата за исламска соработка во Истанбул.

Тој рече дека пратениците на ЕП утре ќе гласаат за преговорите со Турција.

„Каков и да биде резултатот, тоа гласање нема никаква вредност во нашите очи“, рече тој, а пренесоа британските медиуми.

Лидерите на двете најголеми групи во Европскиот парламент вчера ја повикаа Европската унија да ги прекине преговорите со Турција заради постапките на властите од оваа земја по обидот за пуч во јули годинава.

Ердоган исто така ги критикуваше оние Американци и Европјани кои новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го нарекуваат „диктатор“, само затоа што не се согласуваат со неговиот избор и оти тоа е непочитување на демократијата и на резултатите од изборите во САД.

Турскиот претседател исто така посочи дека секој лидер кој не им служи на интересите на Западот, е обвинет дека е диктатор, но оти Трамп е добар човек.