Иран на Оман ќе му продаде 11 тони „тешка вода“

Архивска фотографија, нуклеарна централа во Техеран, Иран.

Шефот на иранската организација за атомска енергија Али Акбар Салехи денеска изјави дека 11 тони „тешка вода“ од Иран, која се користи исклучиво за одредени нуклеарни реактори, се пренесени во Оман. Тој посочи дека Оман изразил подготвеност да го купи тоа количество. „Тешката вода“ се користи за одредени нуклеарни реактори кои произведуваат плутониум што може да се користи за нуклеарни бомби.

Претходно Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека иранските залихи на „тешка вода“ го надминаа нивото од 130 тони, кое беше поставено со нуклеарниот договор постигнат меѓу Техеран и шесте светски сили минатата година. Портпаролот на Агенцијата, минатата недела, тврдеше дека Техеран не го прекршил договорот.