ВМРО-ДПМНЕ на прво место на гласачкото ливче

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде под реден број еден на гласачкото ливче. Втори на листата се ДПА, тројката е за ДУИ, а редниот број четири за Коалицијата предводена од СДСМ.

Денеска Државната изборна комисија (ДИК) со жребување го одреди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември.

Под број пет на избирачкото ливче ќе биде Коалицијата „За промени и правда“, број шест ќе биде Партијата за демократски просперитет (ПДП), седма Коалицијата „Алијанса за Албанците“, осма Либералната партија, деветта ВМРО-За Македонија, десетта на избирачкото ливче ќе биде Движење БЕСА и 11 политичката партија Левица.

Под овие броеви коалициите и политичките партии ќе настапуваат во сите изборни единици.

На жребувањето можност први да влечат бројче за гласачкото ливче имаа овластените претставници на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, со што имаа можност да ги добијат броевите од еден до четири, а потоа останатите од втората група вршеа жребување за броевите од шест до 11.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски најави дека во недела коалициите и политичките партии кои ќе учествуваат на изборите треба да потпишат Кодекс за фер и демократски избори.

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори започнува во понеделник 21 ноември и ќе трае до 9 декември 2016 година на полноќ.